Прва гостинска победа во СЕХА Лигата: Металург се прошета низ Прешов

По поразот во Целје од словенечкиот првак, ракометарите на Металург го победија словачкиот шампион Татран, таму каде што е најсилен, на негов терен во Прешов, со 27:33 во последниот натпревар од СЕХА Лигата и во последниот натпревар воопшто за оваа година. Во досегашниот дел од сезоната во регионалното натпреварување, ова е прва гостинска победа за македонскиот вицепрвак, а уште повредна е ако се знае дека до неа дојдоа без Талески, Кузмановски, Нелоски и без останатите повредени ракометари.

Крилата на Татран Прешов, Хрстка и Чип донесоа 2:0 на стартот за домашниот тим. Беше и 3:1, но Металург бргу воспостави контрола на теренот и стигна до 3:3, а се играше и гол за гол се до 6:6, кога македонскиот вицешампион направи мини серија за предност од 6:8. Пикерот Вучко и крилото Хрстка го вратија Татран на реми, 8:8, а потоа беше и 9:9, па 10:10. Тогаш тргна серијата од три голови по ред за македонскиот тим за највисока предност од 10:13 во 29 минута, но потоа беа исклучени Илиќ и Велковски и домаќините казнија со голови за 12:13, резултат со кој се отиде на пауза.

Во вториот дел Татран израмни на 13:13, а потоа беше и 15:15, пред Металург во 39 минута повторно да стигне до највисокот водство што го имаше во првиот дел од три голови разлика за 16:19 преку Илиќ и Гуглета. Обрадовиќ погоди во празниот домашен гол по грешката на Рабек и Металург веќе отиде на плус 4, 16:20. Во 47 минута по одбранетиот пенал на Дупјачанец, Металург со голот на Велковски стигна и до највисоки пет голови разлика, 19:24. Беше и 21:25, но домашните намалија на 23:25 во 52 минута и го направија финишот интересен.

Кога Урбан погоди за 24:25, помисливме дека ќе гледаме исто сценарио како на мечот од Лигата на шампионите, кога Металург водеше со 7, а загуби со 5. Но момците на Червар не мислеа втор пат со наведнати глави да си заминат од Прешов, па со нова серија од три голови преку Обрадовиќ, Дрогришки и Палевски стигнаа до 24:28 на шест минути до крајот на дуелот.

Серијата продолжи до 24:31 преку Гуглета и Илиќ, пред Рабек да погоди од пенал за 25:31, а до крајот само формално се играше за конечни 27:33 и за прва победа на гости кај словачкиот првак. Најдобар поединец во македонскиот вицепрвак беше Немања Обрадовиќ со 9 голови, додека крилата Илиќ и Гуглета имаа по 6, но вреден за споменување е учинокот на голманот Дарко Арсиќ кој имаше важна улога во победата со вкупно 15 интервенции. Кај домашните се истакна Оливер Рабек со 7 голови.