„Црвено-црните“ со победничка одјава: Вардар триумфално низ Брест

Ракометарите на Вардар се вратија на победничките патеки по поразот во Загреб, откако освоија три бодови на секогаш незгодното гостување во Белорусија, кај Брест Мешков со 30:35 и во триумфален стил ја завршија 2016 година.

На стартот беше 2:2, пред Вардар да се одлепи на 2:6 со головите на Душебаев, Борозан и Чупиќ. По 7:9 во 14 минута, кога Брест намали преку Атман, вардарци ја направија се чини клучната серијата од шест едноподруго голови и стигнаа до високи 7:15, па го принудија Бебешко на тајм-аут. Но ниту не им помогна на домашните, бидејќи Вардар стигна и до 8:16, а замина на предност со предност, 12:19.

Во вториот дел Брест тргна малку по агилно, но барем во почетните минути се што направија беше тоа што стигнаа во неколку наврати до минус 5, 15:20, 16:21, 17:22, но во 45 минута Вардар пак достигна 7 плус, 20:27. Тиуменцев на два пати беше прецизен и донесе 22:27, а идниот вардарец Кристопанс беше прецизен и во 48 минута намали на 24:28.

Мешков имаше прилика да намали и на минус 3, но нововлезениот Ангелов имаше неколку интервенции во серија и не им го дозволи тоа на домаќините. Вардарци не погодуваа лесно во првиот дел, но Стоилов со голот во 57 минута за 26:31, ги реши сите дилеми ако ги имаше воопшто со оглед на високата предност.

Ангелов за кусо време собра 6 одбрани и ги откажа домашните од борбата за намалување на разликата, па до крајот погодија уште Шишкарев и Циндриќ за конечни 30:35. Најефикасни ракометари во Вардар беа Карачиќ, Душебаев, Дибиров, Чупиќ и Борозан со по 5 голови, додека Ангелов и Штербик искомбинираа 14 одбрани. Во Брест се истакна Стојковиќ со 7 голови. За Вардар останува да се одиграат уште три натпревари од лигашкиот дел, но пласманот на Ф4 веќе е обезбеден.