Червар: Слабата одбрана го реши мечот со Целје

Ракометарите на Металург загубија во Словенија од тимот на Целје со 34:28 во претпоследниот натпревар од СЕХА Лигата за оваа година, а тренерот на македонскиот вицепрвак Лино Червар причината за поразот и големиот број на примени голови го пронајде во одбраната.

„Им честитам на ракометарите на Целје за победата и за коректната и фер игра. Јас сум задоволен од играта на мојот тим се до 45 минута, до кога игравме сконцентрирано и добро. За жал, нашата одбрана денеска беше послабиот дел од тимот, но ни недостасуваат некои од играчите. Сепак, победата на Целје е заслужена. Среќен сум што не очекува уште патувањето до Прешов, па потоа следи пауза. Среќен сум, бидејќи екипата е веќе заморена.“ – изјави тренерот Червар.

„Честитки за екипата на Целје за победата, играа добро и зрело во текот на целата средба. Ние долго време игравме добро и бевме концентрираме, но потоа паднавме, особено во делот на одбраната, која беше послабиот дел од нашиот тим. Сепак, целосно земено, одигравме солидно. За само два дена не чека средбата со Татран.“ – изјави десниот бек Мартин Велковски.