Сè погласни шпекулациите: Палмарсон близу до Барселона!

Се погласни се шпекулациите дека средниот бек на Веспрем, Арон Палмарсон, ќе биде нов ракометар на Барселона. Тој дојде како најзвучно засилување минатата сезона во унгарскиот првак, но не го покажува сиот свој потенцијал. Мистериозната „повреда“ што ја влече подолго време, очигледно не е единствената причина што Палмарсон не е на терен.

На еден од последните тренинзи, според информациите од кругови блиски до клубот, Палмарсон јавно изјавил дека не сака да игра под водство на Сабате и упатил порака до раководството да бира меѓу нив двајца. Најверојатно Шпанецот ќе го продолжи да го води Веспрем, па средниот бек реши да си ја побара среќата на друго место.

Иако се шпекулираше дека неговиот поранешен клуб Кил е сериозно заинтересиран да го врати во Бундес Лигата, сепак се чини дека од тоа нема да има ништо, бидејќи Палмарсон ќе се проба и во Шпанија.

Каталонците започнаа да формираат состав претежно од релативно млади ракометари, кои уште долго време ќе можат да играат заедно, па Палмарсон се вклопува во нивните замисли. Заедно со ветеранот Раул Ентрериос би требало да ја сочинуваат двојката на плејмејкерската позиција.