Едно добро, едно лошо полувреме и нов пораз за Металург

Македонскиот вицепрвак Металург продолжува да ниже порази во СЕХА Лигата. По оној во Белорусија кај Мешков, тимот на Червар загуби и во Словенија, од Целје со 34:28, па сега останува да се одигра уште еден натпревар за крај на годината, кај Татран во Прешов. Иако без главниот шутер, Филип Талески, кој не отпатува со екипата поради настинка, Металург добро се држеше во вториот дел, но тоа не беше доволно за нешто повеќе.

На стартот на натпреварот Металург беше тимот што го диктираше темпото и водеше со еден или два гола разлика, 2:4, па 4:6. Крилата на Целје, Жвижеј и Јанц израмнија на 6:6, па потоа до 9:9 се играше гол за гол, пред Жвижеј на два пати да погоди и да донесе првпат плус 2 за домашните 11:9. Костеси во 21 минута со гол го врати Меалург на „нула“, 11:11. Сепак до крајот на полувремето неколку промашени зицери на избраниците на Червар, па Целје се одлепи на 15:12, потоа водеше и со 17:14, за на пауза да се замина со 17:15.

Вториот дел се одвиваше според слично сценарио како финишот на првиот. Металург во два наврати стигна до минус 1, 19:18, како и 21:20 во 40 минута, но потоа се зголемија промашувањата, односно одбраните на домашниот голман Лесјак, па Целје стигна до највисоки 28:23 во 47 минута. Червар продолжи да игра без голман, а со два пикери, но ако таа игра во првиот дел носеше резултат, во вториот не беше така, па често и голманот Лесјак се запишуваше во листата на стрелците. Целје стигна до плус 7, 33:26 во 55 минута, а конечниот резултат е 34:28.

Најдобар поединец во составот на Металург беше Немања Обрадовиќ со 7 голови, Палевски и Пешевски постигна по 5, додека кај домашните се истакна крилата Жвижеј со 9 и Јанц со 8 голови.