Червар: Целје е фаворит

Металург го очекуваат две врзани гостувања во СЕХА Лигата, кај Целје и Татран Прешов, а тоа ќе бидат и последните активности на македонскиот вицепрвак за оваа година. Тимот од Автокоманда нема шанси за Ф4, па иако во ростерот ќе ги нема Талески (поради настинка) и Нелоски (поради повреда), сепак тренерот Червар посакува неговите момци да одиграат добар дуел.

„Му гостуваме на уште еден силен противник, кој јас особено го почитувам, поради одличната работа со млади ракометари. Екипата на Целје во многу работи наликува на нас, а мојот помлад колега Бранко Тамше работи извонредно и тоа ја прави оваа екипа посебна. Ова ќе биде двобој на две млади екипи, кои се перспектива на СЕХА Лигата и на Лигата на шампионите. Се надевам дека публиката ќе ужива на овој натпревар во кој домашниот тим е фаворит.“ – изјави Червар.