Палмарсон со ултиматум до Веспрем: Или јас или Сабате!

Изминатиов месец врие во соблекувалната на унгарскиот шампион. Веспрем сезонава не игра на нивото од лани, иако сега во својот ростер има ракометари за три тима. Поразите во Лигата на шампионите од Барселона и од ПСЖ, во СЕХА Лигата од Вардар и Загреб, како и поразот од ПИК Сегед во унгарскиот шампионат, се знак дека нешто се случува со тимот што го предводи Чави Сабате.

Исландскиот репрезентативец Арон Палмарсон, кој дојде како најзвучно засилување минатата сезона, не го покажува сиот свој потенцијал во европскиот вицепрвак. Мистериозната „повреда“ што ја влече подолго време, очигледно не е единствената причина што Палмарсон не е на терен.

На еден од последните тренинзи, според информациите од кругови блиски до клубот, Палмарсон јавно изјавил дека не сака да игра под водство на Сабате и упатил порака до раководството да бира меѓу нив двајца.

За смена на шпанскиот тренер се говори одамна, но тој седи и на клупата на унгарската репрезентација која ќе игра на СП, па веројатно по враќањето од Франција, од Веспрем ќе му се заблагодарат на Сабате и ќе донесат нов тренер.