Киелце го симна Вардар од првата позиција: Европскиот првак сигурен на свој терен!

Во рамките на деветтото коло од Лигата на шампионите, вечерва во Полска се одигра дерби дуелот од групата Б меѓу актуелниот европски шампион Киелце и македонскиот првак Вардар.

Во интересен и возбудлив натпревар меѓу два ракометни гиганти, Вардарци немаа среќа, трпение и дисциплина да го изненадат Киелце во својот дом. Полскиот шампион славеше победа од 27-24 и се искачи на првата позиција на табелата во група Б. Вардар останува на третата позиција пред последните пет кола до крајот на групната фаза.

На самиот почеток Киелце создаде предност од 4-1, но ракометарите на Вардар бргу се вратија во игра и до 9-та минута го израмнија резултатот на 4-4. Иако домаќините ја имаа иницијативата и контролата над резултатот, во ниту еден момент не успеаа да ги надиграат „црвено-црните“. Разликата се движеше до највисоките два погодока разлика се до последната 30-та минута кога Пачковски им донесе три погодоци предност со кои се замина на полувреме за конечни 15-12.

Полјаците ја одржуваа разликата на почетокот на вториот дел, но во средината на полувремето Вардарци со одлична низа од 4 погодока комплетно се врати во игра (22-22 49′). Но несвојствено за Вардар во кофузна игра со многу неизнудени грешки и брзи и непрецизни удари само им помагаа на домаќините да дојдат до посакуваните бодови. Она што го градеа низ средината на вториот дел го загубија во само една минута кога поради вишок играч на терен „црвено-црните“ заработија исклучување, а Киелце тоа го искористи и ја врати разликата од два погодока. Во 55та минута Киелце преку прецизниот удар од пенал линијата на Агинагалде замина на +3, но ниту тоа не беше гаранција за мирен финиш на овој дуел. Вардарци имаа неколку шанси повторно се вратат на минимален еден гол негатива во самиот финиш, но неискористените шанси ги казни Рајхман и стави точка на сите надежи во 59та минута кога ги врати највисоките три голови предност за Киелце за 27-24.

Најпрецизни на теренот беа Алекс Душебаев и Игор Карачиќ со 5 погодоци. Кај домаќините Рајхман Штрлек и Агинагалде постигнаа по 4 голови.