Ла Риоха подобра од македонскиот вицепрвак: Металург без сила за завршницата

Македонскиот претставник во Б-дивизијата на Лигата на шампионите, составот на Металург со пораз се враќа од гостувањето во Шпанија. Македонскиот вицепрвак и покрај големиот број повредени играчи беше рамноправен противник на шпанскиот вицепрвак Натурхаус Ла Риоха, но во финишот на дуелот дозволи со серија голови домаќинот да прослави нова победа со 31-25.

Оние кои ја следеа македонската лига минатата сезона ги познаваат квалитетите на Вања Илиќ, а билансот на повредени играчи го принуди Лино Червар овојпат да му даде шанса на левото крило како централен бек. Токму тој потег беше изненадување за шпанскиот тим, а тактиката на составот од Автокоманда беше причина за неизвесна и рамноправна битка. Играта со седум играчи во нападот не го оправда ризикот бидејќи Металург иако постигнуваше голови, секоја грешка во нападот ги чинеше гол.

Домаќините создадоа почетна предност од два гола (3-1), но ракометарите на Металург се вратија во игра го израмнија резултатот и во продолжение постојано беа чекор зад Шпанците. До средината на првиот дел составот на Хота Гонзалес достигна три погодоци предност (9-6), но ниту тоа не ги поколеба младите металурзи. До 25-та минута тимот од Автокоманда комплетно се врати во игра и го израмни резлутатот на 13-13. Во финишот на полувремето искусниот состав на Ла Риоха ја врати предноста од почетокот на дуелот за конечни 16-14 по првиот дел.

Второто полувреме измина во исто темпо. Металург постојано беше во чекор со шпанските ракометари, а на почетокот на вториот дел имаа две шанси за прв пат да поведат на овој дуел. Но неискористените шанси значеа казна во средината на полувремето кога започна серијата голови на Ла Риоха. Од 38-та минута започна серијата на домаќините од 7-0, а доминантната игра шпанците ја крунисаа со највисоки 27-20 во 49та минута.

Со највисоката разлика двете екипи влегоа во последните четири минути. Во ефикасна и атрактивна завршница двете екипи формално го завршија дуелот за конечни 31-25.

Најпрецизен на теренот беше Фернандез со 10 голови, Гарсијндијаа постигна 4 додека ризичната игра на Червар со седум ракометари во напад го направија голманот на Ла Риоха Каплан трет стрелец во својот тим со 3 погодоци исто толку погодоци постигна и Хименес. Кај Металург Илиќ ја предводеше листата стрелци со 6 погодоци, Обрадовиќ постигна 5, а Талески и Пешевски беа прецизни по 3 пати.

Со оваа победа Ла Риоха се зацврсти на втората позиција и обезбеди плеј-оф за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите.