Воислав Брајовиќ си замина од Металург?!

Откако Филип Талески реши да се проба во Бундеслигата и многу веројатно на крајот од оваа сезона ќе си замине од Металург, во тимот од Автокоманда многу веројатно дека од денес повеќе нема да го гледаме ниту десниот бек Воислав Брајовиќ, кој летоска дојде од Марибор.

Иако најавен како големо засилување, десниот бек кој не е на нивото на човекот чија замена требаше да биде, Јанко Божовиќ, не се прослави во Скопје, но сепак не би било фер да не се споменат неколкуте повремени блесоци што ги имаше на дуелите од СЕХА Лигата и од Лигата на шампионите.

Како за сите други, така и за него имало резервирано билет за Осло, но бекот не се појавил во раните утрински часови во саботата на скопскиот аеродром. За својата одлука го информирал капитенот Талески, кој ја пренел информацијата до тренерот Лино Червар и спортскиот директор Левче Китевски.

Според неофицијални информации од луѓе блиски до ракометарот Брајовиќ, веројатно незадоволен од третманот и минутажата, по нецела полусезона заминува од Скопје и среќата ќе ја побара на друго место, па тренерот Червар ќе остане само со Мартин Велковски на деснобековската позиција.

Металург за наредната полусезона подготвува неколку засилувања кои би требало да го подигнат нивото на играта. Веќе се споменуваше името на Стегавик, а за очекување е да пристигне нов пивот и бек со што би се создал поконкурентен тим. Тоа значи дека во декември од Автокоманда ќе заминат барем петмина ракометари, а заминувањето на Брајовиќ, иако неочекувано рано, го најави малиот ремонт на составот на Лино Червар.