Прилеп ќе биде првиот тест за Eл Весл

Ракометниот клуб Eл Весл од среда е во Македонија, каде одработува дел од подготовките за новата сезона во шампионатот на Соединетите Арапски Емирати. Базата на клубот од Дубаи и во наредните шест дена ќе биде Струга, а во рамките на подготвителниот период тие ќе одиграат неколку контролни средби со македонски екипи.

Први на распоредот веќе утре (сабота) ќе бидат ракометарите на Прилеп. Пријателскиот натпревар ќе се одигра во спортската сала „Ристе Ристовски-Ричко“ со почеток од 12:00 часот.

Тренерот на РК Прилеп, Томче Петрески за дуелот со составот на Ел Весл истакна:

Ќе одиграме еден пријателски натпревар против Ел Весел. Растоварени од резултатскиот императив ќе им дадеме шанса и на помладите играчи, на оние кои имаат помала минутажа, да се докажат и да се наметнат во екипата.

Овој дуел ќе биде добра можност за ракометарите на Прилеп да ја одржат натпреварувачката форма откако поради настап на Пелистер во Челинџ Купот, суперлигашкиот дуел ќе биде одложен.

Тимот на Ел Весл го предводи Зинелдин Алсагир, е составен претежно од домашни ракометари, а од оваа сезона во тимот се приклучи и исландскиот интернационалец, бекот Бјоргвин Холгримсон.