Прилеп го има најдобриот лев бек на ИХФ Трофеј: Орјоникидѕе постигна 37 голови на 5 меча

Најдобриот ракометар на Прилеп, грузискиот интернационалец Теимураз Орјоникидѕе, е прогласен за најдобар лев бек, а беше и втор стрелец на ИХФ Трофејот за играчи до 20 години, кој се одржа изминатиот викенд во четири грузиски градови, Тбилиси, Кутаиси, Телави и Батуми.

Орјоникидѕе не успеа да ја одведе неговата репрезентација до борбата за злато. Сепак, како мала утеха е третото место. Левиот бек, кој исто така игра и за сениорскиот состав на Грузија постигна 37голови на 5 дуели. Во групната фаза против Албанија даде 7, Против Ерменија исто толку, а против Велика Британија беше стрелец на 8 голови.

Во полуфиналето Грузија загуби од Молдавија, а Орјоникидѕе даде 7 голови, додека во мечот за бронзата против Велика Британија стрелаше 8 пати.

Поради неговиот настап за Грузија, Прилеп го одложи дуелот со Металург 2, но ќе биде на располагање за гостувањето во Скопје кај Вардар Јуниор веќе в среда.