Лазаров ја спаси Барса

Составот на Адемар Леон пружи голем отпор на гостувањето кај Барселона, но сепак на крајот мораше да си замине со пораз од 26:25. Иако се очекуваше рутинска победа, сепак каталонците мораа да се мачат за да ја продолжат серијата триумфи и да ја зголемат на 101 победа по ред.

Каталонците водеа по првото полувреме со 14:12 и таа позитива ја одржуваа до финишот на мечот, кога расположените ракометари на Адемар Леон успеаја да стигнат до нерешено. Сепак Кире Лазаров не сакаше да дозволи сензација и погоди во клучните моменти за водство од 25:24, гостите пак израмнија, но Барса погоди уште еднаш за конечна победа со 26.25.

Лазаров беше лидер на Барселона и постигна 7 голови, додека Нодесбо и Шипжак додадоа уште по 4. Каталонскиот гигант има проблеми со повредите на Сораиндо и Јиха и ќе има тешка задача да ја продолжи победничката серија на гостувањето кај ПСЖ во Лигата на шампионите.