Дибиров и „зборнаја“ примија три гола во последната минута и ремизираа со Словачка

Русија со реми го стартуваше квалификацискиот циклус за пласман на ЕП во Хрватска во 2018 година, откако на домашен терен одигра само 31:31 против Словачка, со примен гол од пенал по истекот на регуларниот дел.

Русите добро тргнаа, имаа предност од 13:9 пред крајот на првиот дел, но словачките ракометари стигнаа до 13:13, резултат со кој се отиде на пауза. Во второто полувреме, повторно Русија го диктираше темпото, имаше и предност од 25:19, но сето тоа отиде во вода.

Словачка полека го топеше водството, но Русија во 59 минута со голот на Шелменко стигна до 31:28 и со три гола предност влезе во последната минута. Но најпрво Горбок доби исклучување, Антл намали на 31:29, потоа следуваше техничка грешка на Русите, Рабек украде топка и погоди за 31:30 на 20 секунди до крајот.

Нова грешка во нападот за „зборнаја“ на 3 секунди до крајот, фаул за директен црвен картон на Шелменко, што беше казнето со гол од пенал по истекот на времето од страна на Рабек и голем бод за Словачка од гостувањето во Русија.

Најдобри во домашниот состав беа Шелменко и Житников со по 6 голови, Дибиров даде 1 гол од 4 ободи, Шишкарев имаше 2/3, додека Деревен не погоди ниту еднаш од три обиди. Во Словачка искусниот Антл беше предводник со 10 голови, додека Оливер Рабек даде 9.