Лазаров е прв стрелец на Барса во 100-те победи по ред

Македонскиот репрезентативец Кире Лазаров заедно со Барселона влегоа во историјата на Асобал Лигата. Тие прославија 100 победи во ред и три и пол години не знаат за пораз во сите шпански натпреварувања. Првиот гол во долгата серија од скоро 1200 дена без пораз и само со победи шпанската елита, го постигна Рутенка, а последниот Томас.

Кирил Лазаров со 432 гола е најдобар стрелец во оваа низа во која 38 ракометари го носеа дресот на Барса, а покрај Лазаров само уште седуммина и тренерот Пасквал се дел од непобедливиот тим. Најтесната победа беше против Натурхаус Ла Риоха со 24:22, а најубедливата пред две сезони против Сегурос Замора, 45:19.

Претходниот рекорд на Барселона беше 32 победи по ред, а апсолутниот рекорд во Шпанија на Гранољерс е дебело надминат и каталонците сега имаат преку 30 победи повеќе од претходниот рекордер, а уште не е крај на оваа серија. Во сите натпреварувања во Шпанија, Барса е без пораз на 132 натпревари.