Сент Рафаел му покажа на Лино како треба: Монпеље со пораз се „загреа“ за Металург

Ракометарите на Монпеље по победата над Чеховски Медведи во Лигата на шампионите, продолжија со игрите во стилот топло-ладно и загубија на меч од домашниот шампионат од составот на Сент Рафаел со 27:26.

Очајното издание на можеби најдобриот ракометар, левиот бек Метју Гребил (0/5), како и слабата реализација на Мишел Гигу (2/5) е основната причина за поразот од Сент Рафаел. Значи ракометарите на Металург и нивниот стратег Лино Червар, сигурно знаат дека од левата страна доаѓа најголемата опасност по голот на Арсиќ, па ќе посветат поголемо внимание на тој дел на мечот в недела.

Што се однесува до мечот против Сент Рафаел, домашните беа константно во предност, па водеа и со три гола разлика, а Монпеље не стигна ниту еднаш да израмни. Голманот на домашниот тим Попеску имаше 20 одбрани, а најдобар стрелец беше Јурка со 6 голови, додека во Монпеље се истакна Тручановичиус со 6 голови, Доленец даде 5, а Порт и Кавтичник по 4 голови, но со слаба реализација.