24 ракомет на ПОЛУВРЕМЕ со Сергеј Горбок: Сакам со Вардар да бидам шампион на Европа!

Еден од клучните играчи на руската ракометна репрезентација, довчерашниот лев бек на германскиот вицешампион Рајн Некар Ловен, Сергеј Горбок, по пристигнувањето во својот нов дом, Скопје, на ПОЛУВРЕМЕ говори за својата кариера и посветеност на ракометната игра.

300x250

-Зошто минатата сезона го избравте Рајн Некар Ловен пред Вардар? Што е тоа што ве мотивираше една година подоцна да потпишете 3 годишен договор со црвено-црниот тим?

Минатата година имавме само разговори со клубот, но не и официјален предлог. Знаев многу за овој тим бидејќи играв заедно со Продановиќ, а тој беше дел од Вардар. Покрај него, дел од моите пријатели исто така дојдоа во тимот со што плановите на Вардар за новата сезона станаа многу амбициозни и ја направија понудата атрактивна за мене, и можам да кажам дека сум навистина задоволен што потпишав за оваа екипа.

-Што сметате дека ви се предности, а што недостатоци?

Не, не би можел нешто конкретно да издвојам, во принцип сметам дека има работи кои повеќе ми одат од рака и такви кои не ми “лежат” најдобро. Можам да кажам дека моја силна страна е искуството и тоа што можам да се прилагодам и по потреба да играм на друга позиција.

-Кој е најголемиот успех во вашата кариера?

Играв за многу тимови и можам да кажам дека тоа придонесе за голема разновидност во мојата кариера. Со речиси сите мои тимови успеав да ги освојам титулите од домашното првенство, а минатата сезона со Рајн-Некар Ловен ја завршивме на втората позиција. Мојот најголем успех е полуфиналето во Лигата на шампионите, но се надевам дека големите успеси се пред мене, и дека со мојата нова екипа ќе успееме да ја освоиме Лигата на Шампионите, како и домашното првенство и куп.

-Како би ги подредиле вашите приоритети во животот?

Мојот најголем приоритет е дефинитивно моето семејство, како и внатрешниот спокој. Ова се движечките работи во мојот живот. Исто така сметам дека е многу битно секогаш да се биде човек, околината во вас да гледа добра личност и секогаш да се прават добри дела.

DSC_0006a
Сергеј Горбок

-Кои се вашите лични амбиции како спортист?

Како и секој друг спортист би сакал да ја освојам Лигата на шампионите, како и домашното првенство и Купот на Македонија. Од друга страна пак во репрезентативната кариера би сакал да настапам на Олимписките Игри, бидејќи сметам дека тоа е најголем сон на секој спортист.

-Зашто се одлучивте да земете руско државјанство и да настапувате за руската репрезентација?

Имав една непријатна ситуација со репрезентацијата на Белорусија и поради тоа не играв во националниот тим на Белорусија речиси 2 години. Во една пригода, еден од моите фанови дојде и ми рече дека доколку не играм за репрезентацијата на Белорусија од објективни причини тогаш тој би сакал да ме види да играм за некоја друга репрезентацијата. Понатаму добив предлог од Русија, а бидејќи половина од моето смествјото има руски корени, се одлучив да ја прифатам понудата и да заиграм за оваа репрезентација.

– Во текот на вашата кариера настапувавте за различни клубови. Која е разликата помеѓу словенското, германското и руското првенство?

Во Словенија потпишав договор кога имав 22 години, бев доста млад и тоа за мене беше едно ново искуство и за првпат се сретнав со балканскиот стил на игра. Лично за мене тоа значеше развивање на играчкиот потенцијал кој што го поседував. Од друга страна пак во руското првенство се работи доста на тактичкиот дел, додека пак во Германија се работи за исклучително силно првенство каде што доаѓаат до израз квалитетот на тимот како и тактичкиот дел на играта.

-Какви се вашите очекувања од Светското првенство во Катар, а какви во Лигата на Шампионите?

Имаме тешка група на Светското првенство во Катар и ќе биде многу тешко да се игра таму, сепак времето ќе покаже како ќе се одвиваат нештата и каква ќе биде нашата игра. Мораме да одиме чекор по чекор и на лице место да ги решаваме предизвиците. Во секој случај главна цел на руската репрезентација ќе биде да обезбедиме место на следните Олимпски Игри.

-Како ја гледате иднината на вашите деца, што доколку се занимаваат со спорт?

Моите деца играа ритмичка гимнастика во Русија. Со нашето доаѓање во Македонија, можно е да се запишат на балет, одбојка, танц или било кој друг спорт. Најважно ќе биде да пробаат повеќе видови на спортови и доколку понатаму се одлучат да останат во спортските води, тогаш сами да ја донесат одлуката што најмногу им лежи и со истото да се занимаваат.

Галерија: