12 пенали, 12 исклучувања и поделба на бодовите

Ракометарките на Вардар Јуниор и Металург одиграа драматичен натпревар од 15 коло во Женската лигата, кој заврши нерешено, 22:22. За победата повеќе можат да жалат избраничките на Симе Симовски, кои водеа и со 3 голови разлика во текот на натпреварот.

Домашниот состав во најголем дел од средбата имаше резултатска предност, но ракометарките на Металург постојано наоѓаа начин да се вратат во игра и да се борат за бодовите. Најинтересен дел од средбата беше завршницата од натпреварот.

Вардар Јуниор влезе со предност од плус 2, 22:20, но гостинките од Автокоманда не само што го израмни резултатот, туку имаше и меч топка, која за жал не успеа да ја искористи, па на крајот двете екипи мораа да се задоволат со по еден бод.

На овој натпревар имаше дури 12 досудени пенали за двете екипи, а имаше и 12 исклучувања на двете страни, бидејќи се играше безкомпромисно во сите дуели. Најдобар стрелец во домашниот тим беше Божиноска со 6 голови, а кај гостинките се истакна Гајиќ со 8 погодоци.