Червар „избриша“ една ѕвезда од селекцијата на Хрватска пред ЕП! (ФОТО)

Селекторот на Хрватска, Лино Червар, го објави списокот од 28 ракометари, од кои ќе може да бира на Европското првенство во јануари за средбите против Белорусија, Црна Гора и Србија.

На списокот го нема левото крило на Веспрем, Мануел Штрлек по настапи на дури девет натпреварувања во серија. За изоставувањето на Штрлек, Червар не сакаше да коментира.

„Зошто го нема? Тоа ќе го откријам кога ќе почнат подготовките“, најави искусниот стратег за хрватските медиуми.

Тие шпекулираат дека Червар и Штрлек не се во најдобри односи, па затоа нема повик за искусното лево крило. Ги нема ниту голманите Филип Ивиќ и Иван Пешиќ, како ниту левиот бек Домагој Павловиќ.

Десниот бек Јаков Вранковиќ, заедно со Иван Слишковиќ, Дамир Бичаниќ, Ален Блажевиќ и Кристијан Беќири, исто така не се меѓу 28 пријавени ракометари за ЕП, а го нема ниту играчот во кој Червар полагаше огромни надежи – Халил Јагањац.