Унгарците продолжуваат да „штанцаат“ пасоши

Откако Србинот Марко Васиќ и Хрватот Среќко Јерковиќ добија унгарски државјанства и веќе се најдоа на списокот на селекторот Гулјаш пред Европското првенство, Унгарците продолжуваат со „штанцањето“ на нивни пасоши.

Една од најдобрите ракометарки на екипата Шомбатељ од Унгарија, хрватското десно крило Дијана Јоветиќ доби унгарско државјанство. Таа сезонава дојде во овој тим и веднаш „стана“ Унгарка, како што објави клубот на нивниот сајт.

Во текот на кариерата Јоветиќ настапуваше за тимовите од Хрватска, Локомотива Загреб и Подравка, потоа за Крим во Словенија, а исто така беше дел од Есбјерг во Данска и унгарски Вац. Таа беше дел од репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство во 2008 година во Македонија кога го овои шестото место и беше во ТОП 10 стрелци на континенталниот шампионат.

Како и во машка, така и во женска конкуренција, натурализацијата во унгарската репрезентација не е ништо ново. Сигурно сите се сеќавате на Бојана Радуловиќ кој стана една од најдобрите унгарски ракометарки, а тука се и уште некогашните словачки државјанки, а сега Унгарки – Сандра Зачикова, Богларка Бизик, Моника Ковачичова.

Унгарско државјанство досега имаат добиено и Русинката Светлана Гридњева, Украинката Кристина Тришчук, Романките Естер Матефи и Габриела Шуч.

Оваа година унгарски државјанства добија и Бразилката Едуарда Аморим и Србинката Катарина Крпеж Слезак, но тие ќе продолжат да играат за своите родни земји.

Во машка конкуренција исто така бројката на натурализирани ракометари е голема. Србите Никола Еклемовиќ и Ненад Пуљезевиќ, потоа Кубанците Иво Диаз и Карлос Перез, во поново време браќата Сунајко и Урош Борзаш, Зоран Илиќ…а додека беше дел од Веспрем, и нашиот капитен Кире Лазаров имаше понуда да добие унгарски пасош.