Украина со еден десен бек на Европското првенство?

Еден од противниците на македонската репрезентација на Европското првенство ќе биде селекцијата на Украина, која има големи проблеми со играчите на десната бековска позиција.

Селекторот Сергеј Бебешко најверојатно нема да може да смета на најдобриот украински играч Сергеј Онуфриенко поради повреда, а би можел да остане и без услугите на Владислав Донцов од Мотор Запорожје.

Десниот бек на украинскиот шампион има проблеми со зглобот. Тој не игра цел веќе месец и половина поради повредата и се уште не е јасно дали ќе биде потребна операција. Доколку мора да биде подложен на таков зафат, тогаш сигурно нема да биде дел од репрезентацијата на ЕП, па Бебешко ќе мора да патува само со еден десен бек или да комбинира со деснорак играч на таа позиција.

Роман Чичикало од полскот Заглебје е првата алтернатива, но на контролните натпревари со Тунис, Бебешко комбинираше и со Остроушко, Жуков и Буњенко на таа позиција. Натпреварот меѓу Македонија и Украина се игра на 10 јануари со почеток во 20:30 часот.