Стручна анализа: Простор за напредок има, сигурен сум ќе го видиме кај нашата репрезентација

Прв натпревар на СП против репрезентацијата на Тунис, репрезентација која ни го сруши олимпискиот сон, што пред овој натпревар претставуваше секако дополнителен психолошки товар ( будење непријатно чувство во потсвеста на секој еден инволвиран во априлските квалификации за ОИ) почнувајќи од ракометар до член на раководството на нашата репрезентација. Прв натпревар исклучително важен за понатамошниот тек на првенството за нашата репрезентација со оглед на фактот што имаме 6 дебитанти во ростерот.

Натпреварот го започнавме според најавите на стручниот штаб, со игра 7 на 6 во нападот со изненадувањето Неловски на лев бек и Велко Маркоски на кружен напаѓач со цел да правиме една измена во транзиција одбрана – напад. Тоа ја неутрализираше агресивноста на зоната на туниската репрезентација и нашите играчи лесно доаѓаа во изгледна позиција за шут. Во одбраната нашите репрезентативци одиграа извонредно агресивна 3-2-1 што помалку беше изненадување за тунижаните. Одигравме многу паметно во фаза на нападот и благодарение на нивниот голман не отидовме на полувреме со предност од неколку голови. Свежината во играта селекторот ја одржа со замена на Нелоски со Талески и на браќата Марковски на пивотменската позиција. Проблем во фаза на одбрана ни правеше играта со два кружни напаѓачи која многу слабо ја решававме во првото полувреме, полувреме кое го завршивме со еден негатива, благодарение како што реков на неколку промашени изгледни ситуации и некои отпадоци (одбиени топки) во фаза на одбраната кои туниските играчи ги реализираа.

Второто полувреме го започнавме со промена на одбраната во 6-0, која на почетокот беше порозна и не успеваше да ја стопира играта помеѓу Сајед средниот бек и Теж пивотот на Тунис кои ни правеа огромни проблеми пред се тунискиот среден бек кој беше нерешлива енигма за нашите одбранбени играчи. Конфузно го започнавме второто полувреме како во одбрана така и во напад(направивме неколку неизнудени технички грешки) и за десет минути се доведовме во ситуација од -4 (20-24) во 40мин. Неколкуте врзани исклучувања во туниската репрезентација брзо нè вратија (за само 5 минути ) во егал ситуација, која за наша среќа знаевме да ја валоризираме кога на противникот му „влезе вода во уши“ и со серија од 14-6 во последните 20 мин., ја извојуваме првата многу значајна победа за нас на ова СП.

Исто така треба да радува фактот дека ова е голема победа, ако се знае тоа дека во фаза на нападот направивме само 6 технички грешки што е одлика на врвни репрезентации, Лазаров како секогаш МВП на мечот, стандардни Манасков, Стоилов, Миркуловски изненадувачки добри за дебитанти на едно првенство Неловски, Талевски, Колев, Трајковски… со свој придонес Ѓеоргиевски, браќата Марковски, Ф.Лазаров, Ојлевски доволно за прва победа која ни ги подотвара вратите од 1/8 финалето на СП. Простор за напредок како колективно така и индивидуално и во фаза на одбрана и во фаза на напад има и со секој нареден натпревар, сигурен сум ќе го видиме кај нашата репрезентација.

За кого! За Македонија !

Стевче Алушовски