Србија ослабена во Јапонија: Лекиќ останува без Мундијал?

Најдобрата ракометарка на Србија и поранешна ракометарка на Вардар, Андреа Лекиќ е повредена и нејзинот настап на Мундијалот во Јапонија е доведен во прашање. Се работи за повреда на увото, која мора да биде санирана со операција.

Повредата Лекиќ ја добила на дуел против Ростов Дон во Лигата на шампионите, а хируршката интервенција ќе мора да биде извршена во најбрз можен рок што значи дека до среда ќе биде подложена на операција.

Засега нема конкретни информации околу тоа колку ќе мора да мирува после операцијата. Јасно е дека ќе го пропушти стартот на подготовките. Јасно е и тоа дека е на списокот на 19 ракометарки кои се предвидени за пат во Јапонија, но дали ќе може и да патува ќе биде познато откако докторите ќе го отстранат проблемот на нејзиното уво.

Во моментов е познато дека таа нема да ги почне подготовките со колешките и дека ќе му недостига на селекторот Љубомир Обрадовиќ, а деновиве ќе се знае дали ќе треба да повика нова ракометарка или ќе може да смета на неа за настапот во Јапонија.