СЕДМЕРЕЦ: ОтПисонеро

Традицијата продолжува…

1.Како на филмска лента

Бундес лига да бевме па толку драми за седум дена немаше да се исподесат во нашава ракометна Македонија! Тренерски смени, драматични порази, црвени картони и „црни дупки“, солзи и смеа, што од радост што од мака…

Ајде вака по ред, хронолошки:

– Металург заврши работа и одбра нов тренер, трет или четврт по ред за пола година – Зоран Кастратовиќ почнува нова ера во Автокоманда;

-Вардар го смени Писонеро по вкупно четири натпревари во ЛШ и едно „убиство“ од Кил, па директорот седна пак на клупата да оправи привремено, а сменетиот тренер му стана помошник;

-По неколку дена дојде уште еден потоп за вардарци – Веспрем го наполни шампионот до врв, 21 гол за едно полувреме, 39 вкупно…ротацијата на клупата не ги придвижи многу работите, овој Вардар пак беше непрепознатлив на терен, далеку од оној јунскиот…капитенот Стоилов „поцрвене“, а не стапна на терен… тренерот го испрати својот помошник пред новинарите… Давид Дејвис, пак, во Веспрем беше како Ким Расмусен во Будимпешта, ги дочека своите пет минути да ги израмни сметките за Ферарито и за оние неговите „отписонера“ на клупата во „црвено-црното“ семејство. Секој долг кога-тогаш, доаѓа за наплата…обично, во најлош момент.

-Уште не поминат шокот од вардарци, пак се отвори и битолската „црна дупка“ да го заокружи викендот со уште еден „од готово вересија“ пораз на Еурофарм Работник, пак на ист начин и пак со еден гол разлика, како по некое сценарио…

2.Тренер-тренер и пешкир-тренер

И несреќниот Давид Писонеро го снајде истата судбина како многу тренери што во изминатите 5-6 години седнаа на клупата на Вардар, што на машката што на женска. На оваа втората малку повеќе.

Овој вардаров Шпанец не стигна ни македонски да поднаучи, уште на четвртата лекција доби прекоманда. За Писонеро фатален беше тешкиот пораз од Кил, уште пофатално, како што стоеше во руското толкување на ситуацијата во македонскиот шампион – бил загубениот стил и препознатлив лик. За тоа требаше да се мисли малку порано, но Вардар не би бил Вардар без сите тие шок-терапии на сред сезона, со газди и директори како заменски тренери, отпусни листи, зимски неизвесности, летни реконструкции…и две суперхеројски шампионски титули. Нема многу логика, ама на крај има сатисфакција.

Можеби третиот Шпанец на клупата на Вардар дојде во тежок период кога над клубот висеше неизвесност, а тој самиот немаше ни време, а ни многу можност да го крои тимот по своја желба. Но, од друга страна, тоа сепак, е клупа на актуелниот европски шампион, сама по себе шанса и предизвик, со воспоставен систем и изграден стил и со, во голем дел, истите играчи од лани. Секако, недостасува еден Карачиќ, недостасуваат и одбраните на Милосављев, ама и лани недостасуваа Штербик, Абутовиќ, Циндриќ…и плата немаше, па Парондо пак некако успеа да ги нареди коцките. Немаше некое големо тренерско искуство, но одговори на предизвикот и ја искористи шансата. Што од оваа перспектива со Писонеро сега изгледа и тоа како голема работа.

Писонеро имаше добра препорака и разгазен терен, но факт е дека можностите и очекувањата овој пат брзо се разминаа. Шпанецот во овие неколку месеци се обидуваше, но не успеваше да ја фати нишката на „црвено-црните“, ниту пак да наметне авторитет. Со послабите противници така-така, поминуваше некако на искуството, тимски дух и малку стара слава. Со потешките, одеше малку потешко. Падна на првиот посериозен тест, со Кил се изгуби два пати во два месеци. И толку беше.

На крај сменетиот Писонеро уште и се нафати да биде помошник на тој што го смени?! Тренер од голем калибар што ја цени својата работа кога ќе му дадат отказ вели – „фала и пријатно“, не подава табли и пешкири. И тука завршува тој дел од приказната.

Оној другиот е кај управата. Кога не оди се бара причината, но обично, тренерот е прв на удар. И легитимно право на раководството е да го смени и да бара подобро решение. Е, сега друг проблем е што тренерските смени во Вардар по традиција се помалку чудни, уште повеќе кога газдата или директорот ја презема клупата. Што генерално, праќа лош сигнал за врвните тренерски имиња кои сигурно нема да ја држат таблата, па нека е тоа и на клупата на европскиот шампион!

Еве само да ве потсетам дека и Талант Душебаев едно време беше прв пик за клупата на Вардар. Дојде во Скопје, виде и замина. На клупата не седна.

Спортскиот директор на Вардар во изјава за руските медиуми, рече дека тој ќе биде само привремено решение додека не се најде нов тренер. Во шемите кој би бил најтамам тренер за шампионот, на прва повторно се Шпанците во преден план. Од „филмови“ дека ПСЖ ќе пропадне, а Раул едвај чека да се врати, дека Египет ќе му даде отказ на Парондо или дека Келце ќе го фати криза и Талант сепак ќе дојде во Скопје, па се до „понудата“ за Хавиер Сабате и некој негов шестцифрен одговор со четворка напред. Што, ако е точно така како што „протекло“, во превод би било – да не ве одбијам, културно цена ќе „набијам“! Во меѓувреме во шема влегуваат и некои балкански опции, а не е исклучено ни тоа Вардар да се зацврсти како руска репрезентативна база ако рускиот селектор сепак реши да остане на клупата малку подолго.

Што ќе биде ќе видиме, во следното продолжение по паузата за „реклами“ и за репрезентативни собири.

3.Мрмотот Фил најавува ладна зима во Битола

„Сами се победувате!“, им викна изнервирано Стевче Алушовски на „фармацевтите“ во Битола, пропаднати во уште една „црна дупка“ , пред уште еден пораз со еден гол разлика во добиен меч во ЛШ. Овој пат Еурофарм Работник му ги послужи првите бодови на Татран. Како „кафа унд колач“ што би рекол Голужа, залиено и со по некоја солза за да биде триумфот подраматичен, а маката на битолчани поголема.

Дури да не верува човек како му успева на македонскиот дебитант во ЛШ така драматично да ги губи мечевите. Ај еднаш од неискуство, ај втор пат од случајност, ај трет пат…, ама во четири од пет натпревари да имаш позитива во прво, водство во второ и напад за победа и на крај пак да загубиш минимално, веќе е помалку чудно. Како да играат „сините“ по некое сценарио, она како во „Денот на мрмотот“. Секој натпревар исто и никако да се разбудат од сонот и да излезат од „црната дупка“.

Велат, и кај „фармацевтите“ може да има „отписонеро“ ако продолжат и понатаму да се отпишуваат самите себе си.

Мрмотот Фил најавува ладна зима во Битола… А, само што почнаа да ја загреваат салата и можеа фино-лепо да си го тераат филмот.


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.