СЕДМЕРЕЦ: Карамбол

Судиите станаа директори, директорите си играат тренери, тренерите не се појавуваат на прес-конференции, па тука заменски улетуваат оперативни  менаџери… тоа што крилата станаа бекови сега веќе е најмал проблем…

1.Каде тече овој Вардар?

Ништо од стабилизацијата и враќањето на препознатливиот лик на шампионски Вардар, барем засега. По смената на Давид Писонеро, спортскиот директор Едуард Кокшаров со таква најава седна заменски на клупата на македонскиот шампион. Во последните четири одиграни натпревари во Лигата на шампионите со новата постава на клупата на „црвено-црните“ наместо стабилизација, Вардар има едно реми и три „дебели“ порази. Оние од Веспрем и од Киелце ајде некако и се проголтаа, но, последната „деветка“ од Мешков Брест беше класичен нокдаун на европскиот шампион.

Може ли Вардар повторно да застане на нозе и да издржи до последната рунда? Оптимистичките структури во „црвено-црно“ велат – може. Ова не е ништо, ќе видите од јануари… силен Вардар правец Келн.

Ај нека биде така!

Ама, сега-засега од стабилизацијата во Вардар нема ни „с“, горниот дел од табелата е се подалечен, Келн се губи во магла, а ударите кон шампионот се редат еден по друг.

Уште еден удар македонскиот бренд доби по завршувањето на натпреварот во Белорусија кога на задолжителната прес конференција наместо Кокшаров или во најмала рака, Периќ или Писонеро како негови тренери помошници, го испратија оперативниот менаџер во клубот да објасни зошто така (не)одигра актуелниот европски шампион. Да е некој турнир во Габрово со трета младинска екипа, ајде и да помине. Ама од европски шампион во натпревар од Лига на шампиони и од некој што некогаш бил врвен играч е премногу непрофесионало и потценувачки кон ЕХФ, кон ЛШ, кон Вардар, кон јавноста, кон навивачите…

Можеби статусот „клуб во приватна сопственост“ и блискоста со сопственикот, на Кокшаров му дава слобода резултатите ништо да не му можат, а тој да може кога сака да седне и кога сака да стане од клупата како што беше претходно и со ЖРК Вардар што веќе го нема на европската мапа. Но, тоа никако не го амнестира од одговорност за резултатите и за состојбата во која се наоѓа двојниот европски шампион. Вардар се уште е најголемиот македонски спортски бренд и шампион на Македонија и како таков игра во Лигата на шампионите. Не како тренинг камп за руската репрезентација иако се повеќе на тоа наликува.

Малку повеќе почит за брендот, молам.

2. Алушовски повторно „изгоре“ во Битола

„С“ од стабилност, за жал, одамна нема ни во вториот наш претставник во ЛШ, Еурофарм Работник. Битолскиот тим тоа фино го поттурнуваше под тепих и поминуваше додека поминуваше, со по некоја победа во СЕХА, таа една единствена во ЛШ, изговорот нови сме и неискусни, бодовите ни се лизгаат само за гол-два…

Ама токму тие симптоматични „црни дупки“, нејасни падови и паднати топки баш кога треба да се погоди за победа – еднаш, два пати…пет пати, веќе сигнализираа дека не е се само од неискуство и дебитантски малер, туку многу повеќе од внатрешни проблеми и несогласувања.

Сомнежот дека и Стевче Алушовски ќе биде „отписонеро“ веќе подолго време „шеташе“ по Широк Сокак. По поразот од Кокс во Финска и Алушовски не се појави на прес-конференцијата и веќе беше јасно дека од гаранциите и стабилноста не останало многу ни кај „фармацевтите“.

Чашата очигледно се прелеа во Шабац со уште еден од оние фамозни порази на Еурофарм Работник со еден гол разлика. Ден потоа битолскиот тим и Стевче Алушовски спогодбено се разделија.

Еурофарм Работник за продолжението на сезоната ќе бара нов тренер. Велат солзите на Славко Голужа за славна Битола завршиле голема работа. Ама, се обновувале и стари врски и се „загреал“ телефонот и кај Лино Червар…Трето крило влечело накај Звонко Шундовски, слободен и во моментов, реално најдостапен…

Сепак, тука проблем е што „локалците“ како Аљуш и Шундо добро им ги знаат табиетите, и не е „фора“ да играш во ЛШ, а да немаш странски тренер, ко да немаш пари, бог да чува! Па фрлиле битолчани повеќе мерак на Хрватите, по старата металуршка шема. Така се слуша од тие познати битолски муабети со скопски примеси.

Впрочем, Еурофарм Работник веќе го стаса Металург и по тренерските смени. Нерешено е во последниве две години, 4-4.

3.Батали Европа, супер е Автокоманда!

Да не си експериментираа со тренерите, Металург можеби и на пролет ќе играше во Европа. Вака приказната во ЕХФ Купот против Горење заврши за седум дена. Металург прво „изгоре“ на сопствените грешки во Велење, а шансата во Скопје отидоа над пречката и „петката“ остана недостижна. Сега може слободно другарчињата во Металург да си се додаваат со Струга и со Радовиш. Кој ќе се брка по Европа, поудобно е вака во Автокоманда и да утнеш некоја, никому ништо. Тоа што младите македонски репрезентативци наместо напред, одат два чекори назад, а традиционалната репрезентативна база по една деценија повторно се враќа на ниво на скромен клуб од „радничко“ предградие како што милуваше да каже Лино Червар, ќе му ја мислиме кога ќе дојдат репрезентативните маки. Или, како тргнало, ич нема да му ја мислиме…

Металург на цел ентузијазам и добра волја, сезонава уште од старт тргна во погрешен правец. Зоран Кастартовиќ е четвртиот тренер што седна на клупата на Металург за неполна година, а малку фалеше пред некој ден и тој да замине. Колку и да е вешт и искусен во својата професија и добро запознат со скопските ракометни прилики и неприлики, Кастартовиќ за шест недели тешко дека можеше успешно да ги закрпи сите дупки, да ги отстрани лошите навики и со затекнат состав да избори европска пролет.

Да се случеше ќе беше подвиг и некоја светла насока за европски Металург. Вака останува само комотната зона во Автокоманда, домашната Супер лига и опасноста Металург повторно да се претопи во просечен тим од „радничкото“ предградие.

Ако не, Лино да го вратиме…

4.Нов директор специјално за Виена

Во Металург мислев, не во репезентација, таму тамам сме сега. И нов директор добија ракометарите. Димитар Митревски е познат лик од ракометните терени со специјална мисија само Европското. Остај што му е кумашин на капитенот, туку добро ја знае и Виена како судија на ЕХФ.

Сега имаме две репрезентации со ЕХФ судии на директорските позиции. Кој е како нас. Од ЕХФ може да негодуваат за етика колку сакаат, ние си тераме по наше.

Мир дома е поважно од мир со ЕХФ. Инаку како ќе бркаме втор круг, сега барем е нерешено 2-2…