СЕДМЕРЕЦ: Како изгледа Македонија со Кире Лазаров на клупата

Младината шутира, капитенот одмара и му чува грб на селекторот за подобар видик

1.Теренот од друга перспектива

По една деценија и нешто повеќе, ете го видовме и тој натпревар во кој Кире Лазаров ќе може да одмори, а Македонија сепак да победи! Два пати во два дена, младината шутираше и се бореше за своето место во националниот тим, а капитенот одмараше на клупа и му чуваше грб на селекторот Данило Брестовац, одвреме-навреме барајќи само подобар видик.

„Овој пат одбрав лошо место. Селекторот беше пред мене, се уморив одејќи од лево на десно за да видам што се случува на терен. Ќе знам за наредниот пат…“ , се пошегува капитенот за својата нова позиција во оваа недела на ЕХФ.

Нова, за јавноста невообичаена ситуација, но за репрезентацијата и тоа како полезен тест. Капитенот е тука да помогне и на ЕП во јануари сигурно повторно ќе биде во препознатливата лидерска улога. Македонија се уште не е подготвена да биде без Кире Лазаров, ниту пак Лазаров без Македонија. Но, време е новата генерација да влезе во оган и да ја почувствува целата одговорност во играта кога го нема Кире да шутне, Велко да чува или Борко да спаси… Од тој апсект, потегот на селекторот Данило Брестовац беше можеби помалку ризичен, но на крај на неделата – исплатлив.

2.Една година по Кожани…

Точно на денешен ден пред една година се случи оној непреболен пораз од Грција во Кожани, по кој веќе ништо не можеше да биде исто во најсилната македонска репрезентација. Иако до последно се чудеше што сме се фатиле толку за Грција, токму тој пораз во Кожани беше почеток на крајот на Раул Гонзалес на македонската клупа, формално заверен неколку месеци подоцна по СП во Германија.

Поразот во Кожани, беше болен, но за среќа, не беше фатален во квалификациите за пласманот на Македонија на ЕП 2020. Ама и тоа како беше отрезнувачки дека нешто мора да се менува ако сакаме да имаме континуитет и силна репрезентација и во иднина. Првиот конкретен чекор беше професионализација на селекторската функција и поддршка за Данило Брестовац да направи реконструкција, да им се заблагодари на дел од повозрасните и да им отвори пат на помладите да созреваат во идни носители на играта во националниот состав.

Што имаме една година по Кожани?

Имаме обезбеден пласман на ЕП 2020 и задржан континуитет, подмладена репрезентација, многу посилна конкуренција за секоја позиција, поширок ростер и од собир на собир се поизвесна иднина. По реконструкцијата после СП, македонската репрезентација има три победи и едно реми и успешно завршен квалификациски циклус за ЕП 2020, во официјалниот дел. Три победи и едно реми во контролните натпревари во неделата на ЕХФ на првиот собир пред континенталниот шампионат. Да не кобиме, ама тоа се осум натпревари на најдобрата македонска репрезентација во серија без пораз. Со Данило Брестовац на клупа и со подмладен состав на терен.

Можеби не е некое ремек дело со екстра ѕвезди, но делчињата полека ја комплетираат сликата. Базата ја имаме, надградбата е прашање на време и на работа.

„Штета што и во минатото не се форсирале вака младите играчи, сега ќе беше многу полесно“ – ќе забележи селекторот Данило Брестовац во анализата по двата контролни натпревари со Грузија.

Велевме дека е штета уште од 2014, ама никој не слушаше. Сите сакаа резултат сега, а за иднината оставаа друг да му ја мисли.

Е, сега дојде време кога мора да се поправаат и грешките од минатото и да се трасира патот за иднината. Кога треба и да се победува и да се подмладува. И да се има трпение кога ќе паѓа топката и ќе пукаат стативите. Нормално, тука не се ослободени од одговорност ни селекторот, а уште помалку играчите. Успехот се заслужува, не се послужува. Големите спортисти тоа добро го знаат.

3.Каде е безбедно, а каде „тенко“

И токму затоа добар е изборот на стручниот штаб подготовките за јануарското ЕП да се тераат со што повеќе контролни натпревари на кои може многу појасно да се види кој колку може и до каде е, каде сме добро покриени, а каде може сериозно да „зашкрипи“ во Виена. Па така и во оваа октомвриска недела на ЕХФ, во новото издание на македонската репрезентација видовме и многу позитивни работи, но и некои „фалинки“.

Како прво, и погоре веќе апсолвирано, македонската репрезентација може да победува и без головите на капитенот, барем со противници од калибарот на Турција или Грузија.

Од горе гледано, засега голманската позиција е најстабилна и најдолгорочно безбедна со искуството на Борко Ристовски од една страна и со талентот и потенцијалот на Мартин Томовски и Марко Кизиќ од новата голманска генерација. Плус со Никола Митревски кого го немаше на овој собир, но сезонава е во извонредна форма. Со оваа четворка меѓу стативите е стабилно.

Од добрите работи на овој собир се покажа дека минутажата во нозете е многу побитна од славата на клупа. Сите што се чудеа како може Мартин Поповски од шампионски Вардар да замине во Пролет, нека ги погледнат уште еднаш последните натпревари на македонската репрезентација и посебно, оние два решавачки погодоци со Италија и со Грузија.

 

Безмалку истото важи и за младиот Марко Мишевски кој Вардар го замени со францускиот нисколигаш Гренобл и по она што го видовме од него во репрезентативниот дрес викендов, се покажа дека воопшто не погрешил. Напредокот кај младиот бек е видлив, а Мишевски (не)очекувано излезе дека може да биде и добар џокер во одбраната, без досега стандардниот Велко Марковски.

Крилните позиции се генерално, добро покриени, и тоа не само со две туку и со по три квалитетни алтернативи за здрава конкуренција.

Жарко Пешевски се погрижи и на линијата да биде стабилно дури и кога ги нема ни Стојанче Стоилов, ни Никола Маркоски.

Од бековската линија зависи играта, па токму затоа таму вниманието е поголемо и пропустите повидливи. Го имаме Филип Талески веќе профилиран како прв избор на левата бековска позиција со блескави моменти и разорни шутеви, но, и со променливи периоди и моменти на нерешителност. Го имаме и Филип Кузмановски, и двајцата во бундеслигашки ритам. Но, на овој собир далеку под очекувањата. Брестовац по овој собир за прв пат ја постави и дилемата – може ли Талески и Кузмановски да играат заедно во иста постава или пак „дијамантите“ што свевремено се брусеа во Автокоманда, ќе бидат многу попродуктивни во други комбинации на лев и на среден бек. Дилемата најверојатно ќе се расчисти на следниот собир во декември со неколку алтернативни решенија со Марио Танкоски и со Горан Крстески пред се.

Од викендов виденото, најтенко изгледа на централната бековска позиција, на која има неколку решенија, ама никој не повлече доволно сигурно и убедливо.

Останува и десната бековска позиција зад Лазаров на која има 3-4 алтернативи, но ниедна доволно сигурна за да може капитенот на раат да поседи на клупа и на некои посилни натпревари. Кога веќе фати позиција…