ПСЖ држи чекор со Барселона, дуото Хансен и Сагосен доволно за Фленсбург

Избраниците на Раул Гонзалес и во возвратниот натпревар од Лигата на шампионите беа подобри од Фленсбург 32:30, но сега пред своите гледачи и повторно имаат ист број бодови со Барселона на врвот на табелата.

Првото полувреме беше потполно израмнето, екипите го менуваа водството, но ниту една не направи поголема предност. Сепак по 30 минути игра домаќините имаа позитива од само еден гол, 17:16.

Во продолжението не се променија случувањата на теренот. Во најголемиот дел се играше гол за гол и беше неизвесен победникот сè до финишот на дуелот. Искусните ракометари на ПСЖ не си дозволија да пропуштат нови бодови и со сигурна игра во финишот стигнаа до нова победа.

Најзаслужни за победата на ПСЖ беа Хансен и Сагосен со по седум постигнати гола. Во составот на Фленсбург најмногу се истакнаа Јоханесен, Гола и Стеинхаусер со по пет погодоци.