Прв пораз за Сара Ристовска и ЦСКА Москва

Во женската Лига на шампиони денеска на програмата беа три натпревари на кои беше многу интересно и победникот беше неизвесен до самиот крај на дуелите.

Македонската репрезентативка Сара Ристовска со својата ЦСКА Москва гостуваше кај Одензе и го забележаа првиот пораз сезонава во Лигата на шампионите. Одензе славеше минимално со 26:25.

И првиот дел им припадна на домашните ракометарки кога имаа водство од 12:11. Во продолжението ЦСКА Москва од минус три успеа да поведе со три гола но во завршницата дозволи противникот да стигне до победа.

Сара Ристовска постигна еден погодок за својот тим, а најефикасна беше Екатерина Илина со шест гола, во тимот на Одензе најзаслужна за победата беше Луис Абинг со девет погодоци.

На останатите натпревари Ростов Дон продолжува со победничката серија откако славеше на гостувањето кај Есбјерг со 24:25. Ростов во поголемиот дел од мечот имаше предност, на помалку од десет минути до крајот имаше и четири гола предност што беше доволно за важна победа.

Унгарскиот претставник Ференцварош триумфираше на гостувањето кај Битигхајм со 25:29. Натпреварот беше решен во првото полувреме кога гостинките имаа високо водство од 6:15. Во вториот дел Битигхајм само успеа да го ублажи поразот.