ПРВА ПОБЕДА ЗА СТРУГА: Работнички падна со пресврт во вториот дел!

Тимот на Струга ја забележа првата победа во новата сезона од Суперлигата, откако во 10. коло славеше на домашен терен против составот на Работнички со 32-31.

Во првиот дел најчесто се играше израмнето, но по 11-11, Работнички даде три гола во серија за 11-14, а до паузата обезбеди и четири плус, 15-19.

Но домашните ракометари не мислеа да се откажат од борба до крајот. Беше 28-30, но Маркоски, Крстаноски и на два пати Цветан Кузманоски реализираа за 32-30.

Потоа Темелкоски намали на 32-31, но немаше време за гостите да направат нешто повеќе и мечот заврши со минимална победа за Струга.

Најдобри стрелци беа Кузманоски со девет и Крстаноски со осум погодоци, додека во гостинскиот тим стандардно се истакна Давор Палевски со 13 голови.