Нова победа на Металург за зацврстување на врвот

Ракометарките на Металург продолжуваат со одличните игри во Женската лига. Во 5. коло на гостувањето кај Стружанка запишаа нови бодови со триумфот од 24:18.

Гостинската екипа имаше многу добро отворање на натпреварот кога успеа да направи предност која беше клучна за победата. Металург го отвори натпреварот со 4:0. Многу брзо потоа Стружанка имаше негатива од седум гола кога беше 2:9. До крајот на полувремето Металург немаше проблеми да го сочува водството и на одмор замина со пет предност, 15:10.

На почетокот на вториот дел Стружанка најави дека нема да се предаде и покрај негативата. Намалија на 12:15, а потоа и на 15:17, но шампионот не дозволи целосен пресврт. Следуваше нова серија на гостинските ракометарки која беше завршен удар за девојките од Струга. До крајот без многу проблеми Металург стигна до нови бодови и се зацврсти на врвот на табелата.

Во екипата на Стружанка имаше две расположени ракометарки, тоа беа Магдалена Делиоска која постигна шест гола и Радмила Јовичинац која беше прецизна пет пати. Најефикасна во победничката екипа и воопшто на натпреварот беше Јана Калајџиевска со осум погодоци. Тасевкса и Петковска постигнаа по четири гола.

СТРУЖАНКА – МЕТАЛУРГ 18:24 (10:15)

Сала: Нико Нестор во Струга. Гледачи: 200. Судии: Адриана Здравковска и Сања Божиновска од Скопје. Делегат: Дјаковски Васко од Кичево.

СТРУЖАНКА: Митоска, Ристоска, Калајџиевска, Јовичинац 5, Голабоска, Маркоска 3, Дукоска 2, Переска, Домазетоска, Јоноска, Затуроска 2, Ѓоршулеска, Балоска, Петреска, Делиоска 6, Јусуфи.

Седмерци: 4/5. Исклучувања: 6 мин.

МЕТАЛУРГ: Илјаз, Гугуљанова, Гулицоска 2, Тасевска 4, Смајлоска 2, Арсениевска, Алексоска, Дамечвска 2, Калајџиевска 8, Божиновска 2, Граматова, Стефановска, Петковска 4, Паскал.

Седмерци: 3/4. Исклучувања: 10 мин.