Нант и Фуксе Берлин во трка за Ф4 во Купот на ЕХФ, се чека на одлука

Завршувањето на рокот за пријава за организација на финалниот турнир во Купот на ЕХФ донесе отворање на понудите, а две екипи влегуваат во трка за да бидат домаќини на најдобрите четири состави во ова натпреварување на крајот од сезоната.

Тимовите на Нант од Франција и Фуксе Берлин од Германија одново сакаат да ги пречекаат најдобрите екипи, а на ЕХФ е да одлучи на кој клуб ќе му ја довери задачата. Финалниот турнир е предвидено да се одржи на 23 и 24 мај следната година.

ЕХФ нема многу време за размислување туку ќе мора да донесе одлука до крајот на овој месец. Практично иа на располагање две недели бидејќи домаќинот треба да биде познат пред одржувањето на ждрепката за групната фаза во Купот на ЕХФ. Викендов се играат првите средби од 3. рунда во Купот на ЕХФ, а следниот на 23 и 24 ноември ќе биде познато и кои екипи ќе влезат во групната фаза.

Оттаму пред ждрепката за групната фаза на 28 ноември ќе треба да биде познат и домаќинот, а засега ситуацијата е 50:50 така што и Нант и Фуксе Берлин имаат подеднакви шанси.