Милосављев остана без ЕП: Голманот кој лани блескаше во Вардар во болничка постела (ФОТО)

Голманот кој минатата сезона ги освои срцата на сите фанови на Вардар со своите игри во Лигата на шампионите и СЕХА лигата, Дејан Милосављев денеска беше опериран и за него нема да има настап на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, а голема е веројатноста дека е завршена и сезоната.

Тој денеска беше опериран во Германија, каде беше извршена хируршка интервенција на повреденото колено, а на својот Инстаграм профил објави фотографија од болничката постела потврдувајќи дека се чувствува добро и дека сè минало во најдобар ред.

„Операцијата помина успешно. Ќе се вратам подобар и поподготвен за новите предизвици. Како што вели еден од најголемите ракометни голмани на сите времиња, Дејан Периќ, ракометниот гол е свето место и со него и на него се среќаваш со најголмите стравови и предизвици и секогаш ќе ги има оние моменти каде што се чувствуваш дека само небото е граница и дека си непобедлив. А кога ќе дојдат лоши моменти треба да се биде силен и да се бори како секој момент да е последен“, стои во неговата порака на Инстаграм.

Без него Србија ќе биде ослабена на Европското првенство, а ќе недостига и во Фуксе Берлин каде што имаше одлични натпревари од почетокот на сезоната.