Металург со нов триумф го завери првото место до февруари

Екипата на Металург ќе презими на првото место во Супер машката лига со вкупно 38 гола после денешната победа над Работнички од 51:23. Ракометарите на Металург доминираа во текот на целата средба, а сето тоа беше и очекувано бидејќи од првата минута беше сосема извесно кој ќе дојде до триумф.

Гостите со подмладениот состав во кој само Давор Палевски е останат од поискусните и не можеа да се надеваат на нешто повеќе. Уште пред почетокот беше јасно дека нема да имаат поголема шанса и дека на овој дуел е прашање само негативата со која ќе си заминат од Автокоманда.

После првите 30 минути резултатот беше 23:10 во користна Металург и тука веќе беше јасно кој победува. Ова беше шанса за сите играчи да добијат шанса, но главно помладите беа тие кои можеа да добијат поголема минутажа. Без разлика на тоа постојано го зголемуваа водството така што постојано беа во предност поголема од 15 гола разлика.

Во финишот позитивата се искачи и над 20 гола, па на крајот со конечни 51:23 беше финиширан овој дуел после кој Металург дефинитивно останува лидер и напролет ќе има предност во однос на конкурентите. Плеј-офот е дефинитивно обезбеден, па веќе може да се почне со подготовка за главните дуели.

МЕТАЛУРГ – РАБОТНИЧКИ    51:23 (23:10)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Никола Пауновски и Оливер Спироски од Струга. Делегат: Славчо Каланоски од Струга.

МЕТАЛУРГ: Мијатовиќ, Ѓорѓески, Кондев 12, Јагуруновски, Поповиќ 6, Шилегов 6, Танкоски, Мариќ 1, Серафимов 5, Лазаревски 3, Младеновиќ 4, Вујовиќ 8, Чантурија 1, Кбилашвили, Додиќ 4, Маркоски 1.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 2 мин.

РАБОТНИЧКИ: Куртановиќ, Перчуклиевски, Осман 2, Михајловиќ 6, Фиданов, Џепаровски, Темелкоски 3, С. Кочаров, М. Кочаров, Јосифовски, Палевски 10, Бошковски 2, Богоевски.

Седмерци: 1/4, Исклучувања: 2 мин.