Металург со Велко Маркоски в сабота во Велење

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Металург и официјално го засили својот состав пред дуелите против Горење во Купот на ЕХФ. Велко Маркоски веќе е приклучен на списокот на ракометари кои имаат право на настап, па тренерот Зоран Кастратовиќ добива искусен играч во ростерот и ќе има шанса за повеќе комбинација на дуелите против Горење и секако поцврста одбрана.

Маркоски се договори со Металург минатата седмица, но остана да се финализираат работите околу трансферот. Требаше да се среди сертификатот од Романија, па тој да може и официјално да се врати во редовите на „металурзите“. Со оглед на тоа што сега е веќе и официјално во составот значи сè е средено, па в сабота Маркоски одново ќе го облече дресот на Металург и ќе настапи на првата средба која се игра во Словенија.

Првиот дуел се игра во Велење од 20 часот, а реваншот е на 24 ноември од 18 часот во салата во СЦ „Јане Сандански“.