Мачковшек заминува од Веспрем, следна дестинација Рајн Некар?

Словенечкиот репрезентативен лев бек Борут Мачковшек, многу веројатно нема да го продолжи договорот со унгарскиот Веспрем и ќе се врати во Бундес лигата.

Мачковшек сезонава не добива голема минутажа, бидејќи Дејвис ги форсира Борозан и Лауге во последно време, па веројатно тоа е причината што ќе си замине од Веспрем.

Како што дознава 24Ракомет, негова следна дестинација би требало да е составот на Рајн Некар Левен. Спортскиот директор на “лавовите” Оливер Рогиш, директно отпатувал во Веспрем на преговори со Словенецот.

Мачковшек има 27 години, потекнува од Изола, а беше член на Марибор и Целје во Словенија. Играше за катарскиот Ал Сад, белорускиот Динамо Минск, францускиот Монпелје, а во Бундес лигата ги носеше дресовите на Хановер и Ајзенах.

Рајн Некар го има само Штефан Фет како класичен лев бек во моментов, на крајот на сезоната заминува Менса Ларсен, кој е повеќе плејмејкер, како и Ромен Лагард, па веројатно Мачковшек би бил идеално решение за “лавовите” и тренерот Кристјан Андерсон.