Манасков и Веспрем сигурни против Металопластика, се зацврстија на врвот во СЕХА

Тимот на Веспрем ја забележа шестата победа во седмиот натпревар од регионалната СЕХА лига, откако на домашен терен беше подобар од Металопластика со убедливи 36-29.

Домашните водеа во текот на целиот меч и победата во ниту еден момент не беше доведена во прашање. Момците на Дејвис се одлепија на 6-2, па 9-3, а до паузата беше 22-14.

Вториот дел беше само рутинско одработување на задачата, а шанса за настап добија сите ракометари од клупата.

Дејан Манасков постигна два гола на овој дуел, а најдобар стрелец во победничкиот тим беше Јахиа со шест погодоци. Кај српскиот тим се истакна Милиќ со шест голови.

Сега Веспрем има 18 бодови на врвот на табелата во групата Б од СЕХА, додека Мешков е втор со 12 бода, а нашиот Еурофарм Работник остана на девет бодови.