Македонија немаше сили за изненадување против фаворизираната Шпанија

Машката репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз на Медитеранските игри, откако загуби од фаворизираната Шпанија со 22-31. Шпанците кои не се со првиот состав во Алжир, но во ростерот имаат ракометари од ПИК Сегед, Бенфика, Шамбери, не дозволија изненадување, иако на моменти париравме солидно на избраниците на Рибера.

Нашите момци предводени од Марко Кизиќ, одлично му парираа на ривалот во првите петнаесетина минути кога беше 4-4. Но потоа влеговме во серија грешки, две одбрани имаше и Хернандес, па Шпанија се одлепи на 4-7.

Петар Атанасијевиќ од контра намали на 7-8, но потоа не постигнавме гол цели десет минути. Шпанците ги казнуваат сите грешки на Македонија и направија залиха од плус шест, 7-13, а на пауза се замина со 8-14.

Во вториот дел Македонија намали на 11-16, но пак влезе во серија на грешки и Шпанија стигна до 11-19. Тогаш стана јасно каков натпревар ќе гледаме до крај. Селекторот Лазаров ротираше повеќе ракометари, но ништо посебно не се промени на теренот.

Шпанците доминираа, во еден момент стигнаа и до предност од 12 гола разлика, 13-25. Во финишот Македонија успеа да намали дел од негативата и мечот заврши со триумф на „фуријата“ со 22-31.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Серафимов со осум и Митев, Џонов и Петров со по два гола, додека кај Шпанија по четири погодоци дадоа Фернандез, Одриозола и Серано.

За Македонија останува да ја победи Турција во последниот натпревар од групата, ако сака да се надева на полуфинале, а Шпанија ќе мора да го совлада Алжир со што поголема разлика во последното коло в сабота.