Кокшаров: Некој ќе одмора, но нема да му попуштаме на Мотор Запорожје

После ремито против тимот на Келце екипата на Вардар се подготвува за дуелот против Мотор Запорожје од СЕХА лигата, а овој натпревар се игра в среда во СЦ „Јане Сандански“. Вардарци го пречекуваат ривалот со кој се во трка за првото место во групата и ова ќе биде средба на која дефинитивно мора да се даде максимумот.

„Мотор не доаѓа во најсилен состав на дуелот против нас. Ние исто така нема да бидеме комплетни бидејќи на некои играчи ќе им дадеме шанса да одморат после тешкиот дуел против Келце. Ова не значи дека ние ќе им попуштаме и дека ќе се опуштиме. Одиме на победа и за нас три бода се важни и на овој дуел како и на секој друг“, коментираше на пресот тренерот на Вардар, Едуард Кокшаров.

Во однос на играчите кои ќе настапат на средбата против Мотор немаше коментари, но јасно е дека дел од поискусните ќе добијат можност да одморат.

„Не можеме да зборуваме многу за тоа кој би играл в среда и колку би играл. Имаме повредени и ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата. Јас сум многу задоволен од тоа како играат крилата како бекови, но би бил уште позадоволен кога би биле комплетни“, изјави Кокшаров на денешната прес конференција.

Мечот против Мотор Запорожје се игра в среда во салата во СЦ „Јане Сандански“ од 20:15 часот.