Кастратовиќ: Горење има поквалитетни средби сезонава, но ние сме поискусни

Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ се наоѓа пред првиот посериозен и голем предизвик сезонава со своите ракометари и нормално е овој натпревар против Горење кој утревечер се игра во Велење од 20 часот да биде дочекан со посебно внимание.

Тој вели дека е оптимист, но и дека мора внимателно дасе подготвува за овој двобој кој ќе финишира следната недела во Скопје.

„Како и секој тренер сум оптимист кога се работи за мојата екипа. Мобилни сме и сконцентрирани и фокусирани на играта. Се надевам дека она што го договаравме за време на тактичката подготовка ќе го исполниме на терен и во вистинска ракометна претстава очекуваме поволен резултат“, изјави Кастратовиќ.

Во анализата на двете екипи вели дека и едниот и другиот тим имаат делови од играта кои може да им бидат како предност за двобојот со Горење.

„Она што може да биде предност за Горење е тоа што имаат повеќе квалитетни натпреварувачки средби и полн натпреварувачки ритам. За мојата екипа поголемо интернационално искуство за разлика од нивниот состав бидејќи единствениот кој може да им парира на нашите млади, а, сепак, искусни ракометари е Миклавчиќ кој има репрезнтативно искуство зад себе. Младите играчи кај нас имаат играно за сите селекции на Македонија и во СЕХА и во Лигата на шампионите и тоа би требало да биде предност особено кога се работи за натпревар против екипа како Горење која според просекот на возраста е тука некаде како нашиот тим.

Добрата вест е враќањето на голманот, Даниел Дупјачанец кој после повредата одново ќе може да се врати на терен и да им помогне на своите колеги во обидот да се дојде до пласман во групната фаза од Купот на ЕХФ,

„Дупјачанец се враќа после повреда, но веќе ја санираше повредата. Со неговото искуство може да придонесе многу за нас и утре да биде многу важен за нашата игра, но и на реваншот. Со своето енормно големо искуство може многу да ни помогне“