Карачиќ: И благодарам на прекрасната публика и на играчите на Вардар за убавиот пречек

Ракометарот кој се врати во Скопје, но овој пат како играч на Келце, Игор Карачиќ имаше можност да се израдува на бод против своите поранешни колеги после ремито од 28:28.

Тој денеска постигна три гола, но имаше реализација под 50 проценти со оглед на тоа што имаше и четири промашувања.

„Ја прекинавме традицијата на Вардар која ја држеше неколку години тука против Келце. Бевме расположени на теренот. Вардар не изненади со 7 на 6 со три многу паметни, ниски и брзи играчи. На крајот се виде дека Вардар дојде до заслужен бод. Ова беше посебен натпревар за мене и уживав. Ова е едно ново искуство во животот. Им благодарам на сите и на оваа прекрасна публика. Секако и на играчите на Вардар бидејќи сите ми овозможија прекрасен пречек. Се надевам дека на реваншот на домашен терен ќе успееме да победиме и да освоиме цел плен“, изјави Карачиќ.