Им го подарија ли сестрите Бонавентура светското злато на Холанѓанките? (ВИДЕО)

Селекцијата на Холандија славеше со 29-30 против Шпанија во финалето на Мундијалот во Јапонија и за првпат во својата историја стигна до светска титула. Сепак црна дамка на прекрасниот натпревар, по којзнае кој пат оставија озлогласените сестри судии – Жули и Шарлот Бонавентура.

Тие досудија седмерец за Холандија, откако Ернандез блокираше по обидот на голманката Тес Вестер да го изведе нападот. Според францускиот судиски пар кој и во минатото се истакнуваше со контраверзни одлуки во клучни натпревари, блокадата на шпанската ракометарка била направена во просторот од шест метри или контактот меѓу ракометарката и голманката по исфрлување на топката го карактеризираа како фаул. Во секој случај, храбро се одлучија да досудат седмерец буквално на три секунди до крајот на натпреварот и да им овозможат на Холанѓанките да ја освојат својата прва титула на мундијалите.

24Ракомет консултираше неколку еминентни македонски судии кои сметаат дека Французинките ги оштетиле Шпанките. Според судиските правила, се смета дека топката е уфрлена во игра ако ја мине линијата на голманскиот простор од седум метри и може да биде блокирана од противнички играч.

Денеска во Кумамото, видовме една таква ситуација. Сепак најблиску до местото на настанот беше францускиот арбитар, а по заедничка консултација Бонавентура досудија дека блокот бил попречување на напад, црвен картон и седмерец по правилото “спречување на почетен удар во последните 30 секунди”. Повод за дилеми и дебати како да се намали влијанието на судиската пресуда во вака клучни моменти, особено ако е погрешна.

Вашето мислење можете да ни го напишете во коментарите на нашите профили на социјалните мрежи, а ако не го гледавте спорниот момент во живо во продолжение можете да го погленете…