ИДЕАЛЕН ТИМ НА 3. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА (АНКЕТА)

Во 3. коло од Супер машката најинтересниот дуел беше одигран во салата „Македонско сонце“ каде што тимот на Пролет приреди големо изненадување обезбедувајќи реми против Металург.  Ова беше максимално возбудлив натпревар во кој дефинитивно ракометарите на Пролет успеаја да покажат дека кога се игра колективно можат против секого.

Победи на домашен терен забележаа Работнички и Струга кои одиграа сигурни натпревари и немаа поголеми проблеми, додека Охрид и Бутел Скопје како гости се радуваа во 3. коло.

Традицијата продолжува и екипата на 24 Ракомет и годинава ќе ви овозможува во секое коло да гласате за најдобрите ракометари по коло во првиот дел од сезоната. Ние ги подготвивме најдобрите седум, а со помош на вашите гласови ќе се одбере ракометарот кој ќе биде МВП на сезоната. Ќе можете да гласате до сабота во 12 часот.

Својот глас за ракометарот за кој сметате дека бил најдобар можете да го дадете во продолжение (Доколку анкетата не ви се појави веднаш почекајте неколку секунди за да биде вчитана).

ИДЕАЛЕН ТИМ НА 3. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА

ГОЛМАН: НИКОЛА КИЗИЌ (ПРОЛЕТ)

Чуварот на мрежата на Пролет, Никола Кизиќ имаше блескава партија и беше еден од оние кои имаа огромен придонес за бодот против Металург. Во клучните моменти имаше неколку важни одбрани со кои успеа да помогне многу во одличниот резултат.

ЛЕВО КРИЛО: ДАВОР ПАЛЕВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Со вкупно 16 од 37 гола на Работнички тој беше еден од најдобрите на теренот. Имаше важна улога особено во нападот, каде речиси и да немаше грешка.

ЛЕВ БЕК: КРИСТИЈАН МИЛОШЕВСКИ (БУТЕЛ СКОПЈЕ)

Бутел славеше кај тимот на Вардар јуниор и дојде до третата победа сезонава, а во овој триумф еден од подобрите беше бекот Кристијан Милошевски. Постигна седум гола со кои беше најефикасен.

СРЕДЕН БЕК: ЛАСКО АНДОНОВСКИ (ПРОЛЕТ)

Организаторот на играта на Пролет, Ласко Андоновски не само што добро ги проигруваше своите колеги туку одлично се снајде и во акциите во кои тој реализираше.

ДЕСЕН БЕК: ФИЛИП НИКОЛОВ (РАДОВИШ)

Николов кој настапува и како бек и како крило помогна многу во победата над Струга. Тој реализираше петпати на овој меч, но беше и еден од подобрите во бековската линија така што се избори за место во најдобриот тим.

ДЕСНО КРИЛО: БОБАН БЛАЖЕСКИ  (ОХРИД)

После лошиот старт во 1. коло екипата на Охрид влезе во ритам и дојде до победа и на гостувањето во Битола. Таму Бобан Блажески беше еден од подобрите на теренот и најефикасен со шест погодоци.

ПИВОТ: ФИЛИП ВАСИЛЕВСКИ (ПРОЛЕТ)

Покрај бековите на Пролет добра партија даде и пивотот, Филип Василевски, кој одлично се снајде со одбраната на Металург. Заедно со Андоновски беше најефикасен со седум погодоци.

СУПЕР МАШКА ЛИГА

РЕЗУЛТАТИ И ИЗВЕШТАИ ОД 3. КОЛО

ВАРДАР ЈУНИОР – БУТЕЛ СКОПЈЕ          26:31 (ИЗВЕШТАЈ)

Карапалевски 8, Крстевски 6, Атанасовски 4 – Милошевски 7, Младеновски 6, Димов 4

ПЕЛИСТЕР – ОХРИД      19:25 (ИЗВЕШТАЈ)

Дрогришки 4, Буторац 5, Трајковски 2 – Кривокапиќ 6, Блажески 6, Тот 5

РАБОТНИЧКИ – МЕТАЛУРГ 2    37:31 (ИЗВЕШТАЈ)

Палевски 16, Сулима 8, Гичев 5 – Стоилевски 6, Стојановиќ 6, Мелоски 5

ПРОЛЕТ 62 – МЕТАЛУРГ              26:26 (ИЗВЕШТАЈ)

Василевски 7, Андоновски 7, Џонов 6 – Шилегов 5, Танкоски 4, Серафимов 3

РАДОВИШ – СТРУГА     29:27 (ИЗВЕШТАЈ)

Илиев 9, Николов 5, Везенковски 5 – Кузманоски 7, Крстаноски 5, Новаковиќ 5

ТАБЕЛА: 1. Бутел Скопје 9 бода (86:78); 2. Металург 7 (104:73); 3. Пролет 7 (80:77), 4. Охрид 6 (78:62); 5. Радовиш 6 (89:84); 6. Работнички 4 (84:90); 7. Пелистер 3 (69:75); 7. Струга 1 (76:80); 9. Металург (2) 0 (93:107); 10. Вардар јуниор 0 (71:104).