Дербито за домаќинот: Куманово триумфираше против Вардар!

Куманово и Вардар во одлична атмосфера го одиграа дербито на 9. коло во Женската лига кое го доби домашната екипа 27:24 после голема борба на теренот. Со оваа победа Куманово останува со стопостотен учинок на врвот на табелата.

Домашната екипа го започна натпреварот многу квалитетно, со цврста одбрана им задаваше многу проблеми на ракометарките на Вардар. Тие немаа решение во нападите и после 5 минути игра беше 4:0 за Куманово. Тајмаутот на Драгана Ристова не донесе промени на теренот. Куманово играше сигурно до реализација, а на голот голема поддршка на својот тим даваше Катарина Косановиќ со своите интервенции.

Вардарки полека се враќаа во натпреварот после негативата, во 15. минута имаа само минус еден негатива 7:6. До крајот на полувремето Куманово имаше постојана предност од два до три гола но никако не успеаваше да се одлепи на сигурна предност. На полуреме кумановки имаа водство 13:10. Второто полувреме донесе подобра игра на Вардар, во еден момент се доближија и на еден негатива, но немаа сили за пресврт на натпреварот. Куманово имаше повеќе проблеми во вториот дел, исклучувањата на ракометарките внесоа нервоза во екипата и грешките и нереализираните одработени напади се зголемија.

Сепак оваа шанса која Куманово им ја овозможи на ракометарките на Вардар, не ја искористија да стигнат до позитивен резултат на жешкото гостување. Во последните минути избраничките на Симе Симовски подобро се снајдоа и ја зачуваа победата. Најефикасна во домашниот состав беше Медеа Чокели со шест гола, а Леонида Гичевска постигна пет погодоци. За составот на Вардар одлично издание имаше Ивона Трпевска со седум гола, а шест гола постигна Николиќ.

КУМАНОВО – ВАРДАР  27:24 (13:10)

Сала: СОУ Перо Наков во Куманово. Гледачи: 500. Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Делегат: Љупчо Јаневски.

КУМАНОВО: Косановиќ, Марковиќ 2, Пецанова, Трајковиќ 4, Ивановска, Боризовска 2, Јовановска, Шарановиќ 2, Чокели 6, Јанкуловска 3, Кипријановска 3, Наумоска, Краљевска, Цветановска, Гичевска 5 , Глигоријадис.

Седмерци: /. Исклучувања: 12 мин.

ВАРДАР: Гоцевска, Божиновска 5, Грујовска, Џатевска, Илиќ, Трпевска 7, Гроздановска, Костовиќ, Диневска 1, Миновска, Седлоска 5, Коларовска, Јаковчевска, Галевска, Дамјановска, Николиќ 6.

Седмерци: 4/6. Исклучувања: 4 мин.