Велко Маркоски се враќа на терен, го засилува Металург

Екипата на Металург ќе добие големо засилување пред натпреврите во Купот на ЕХФ против тимот на Горење од Словенија, а во своите редови добива важен играч во одбраната во репрезентативецот Велко Маркоски. Откако го пропушти стартот на сезоната, тој сега одново ќе биде во игра и ќе има можност и да му помогне на Металург, но и да биде подготвен за Европското првенство во јануари.

Маркоски после заминувањето од Романија беше без клуб, па беше прашање што ќе се случува со него. Сепак, Металург успеа да го обезбеди потписот, па веќе од утре би требало да биде и на тренинг на Металург. Се очекува деновиве да бидат средени и формалностите околу сертификатот така што ќе може навреме да биде регистриран и да игра на средбите од Купот на ЕХФ.

Ова ќе биде негово враќање во Металург каде што играше пред да ја почне својата интернационална кариера. Последниот клуб беше Констанца откаде што замина на крајот од минатата сезона. Имаше проблем и со повреда, па направи мала пауза, но сега одново се враќа на терен и тоа се добри вести и за него и за Металург, но и за сениорската репрезентација на Македонија.