Вардар го потврди првото место, како лидер оди во четврт-финалето на СЕХА

Ракометарите на Вардар со победата од 28:26 над Татран Прешов ги добија најважните три бода сезонава во СЕХА лигата и на тој начин го обезбедија првото место во Групата А. Тие ќе одат директно во четврт-финалето како лидери, но ќе мора да ги почекаат имињата на можните противници уште една недела.

Средбата тргна лошо за ракометарите на Вардар. Гостите ги добија првите неколку напади и успеаја да се изборат за предност од два гола. После 2:0 во првите две минути во 9. минута стигнаа и до 5:2 и овие три гола им даваа надеж за убава средба.

Вардар се врати само четири минути подоцна кога израмни на 5:5, но ова траеше кратко бидејќи во продолжение одново имаше лош период во кој имаше грешки и во нападот и во одбраната, па противникот успеа да се врати во предност и да се избори одново за плус три. Тоа се случи во 18. минута при 10:7.

Кокшаров не бараше тајм-аут за да смени нешто во играта, а Вардар не успеа одново да израмни. До крајот на првиот дел остана во негатива, која најмногу беше четири гола и тоа неколкупати, па дури и на одмор кога беше 17:13 за тимот на Татран Прешов.

Гостите највисоките пет гола предност ги достигнаа на почетокот на второто полувреме кога поведоа со 18:13. Сепак, тука вардарци конечно заиграа многу посилно и во одбрана и во напад и во 39. минута имаа 18:18 после серија од 5:0.

Првото водство за вардарци на оваа средба дојде дури во 44. минута после една соло акција на Чупиќ кој успеа да „измести“ двајца противнички ракометари и дојде до линијата од шест метри и не му беше тешко да реализира за 21:20.

Играта конечно доби тек каков што се посакува, а во 47. минута Вардар имаше и 23:20 со што веќе се гледаше дека го има скршено отпорот на противникот. Трите гола се чуваа неколку минути, а на точно пет минути до крај резултатот беше и 25:25 со што се влезе во завршницата со неизвесност.

Во последните пет минути Гедбан успеа да запре 2-3 зицери, а потоа и да се реализира во нападот, па не беше воопшто тешко да се дојде до победа од 28:26 за прво место во Групата А од СЕХА лигата.

ВАРДАР – ТАТРАН ПРЕШОВ      28:26 (13:17)

ВАРДАР: Гедбан 0/1 (8 одб.), Кизиќ (3 одб.), Гогов, Стоилов 3/4, Кукуловски, Димитриоски 1/3, Карапалевски, Пелко 3/3, Атман 5/8, Скубе 2/3, Калараш 1/1, Чупиќ 5/7, Дибиров 3/7, Шишкарев 5/7, Ќосевски, Горпишин.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 6 мин.

ТАТРАН ПРЕШОВ: Чуприна (5 одб.), Цвиткови, Ѓериќ 1/1, Лапајне 6/9, Рецицар 3/5, Муњоз Кабезон 2/2, Хозман 1/4, Вучко 2/2, Страновски 0/1, Форореан 0/1, Михалка 4/5, Грзентиќ 5/7, Царапкин 2/6, Афану.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 10 мин.