Јуниорите од утре во финален залет за ЕХФ-шампионатот

Машката репрезентација на Македонија до 20 години е единствената која во моментов е активна и која забрзано работи за претстојниот турнир кој од 20 до 29 јули ќе се одржи во Скопје во салата во СЦ „Борис Трајковски“.

Ракометарите после двете победи над Црна Гора одмораат, а од утре се враќаат во ритам и продолжуваат со работа во салата каде ќе се играат натпреварите.

Ова значи дека веќе и нема време за многу експерименти и ќе треба сето она што било досега сработено да се крене на едно повисоко ниво и да се успее во намерата да се дојде до играта која ќе може да донесе посакувани резултати.

Македонија на хартија е фаворит во својата група каде се селекциите на Велика Британија, Италија, Швајцарија и Украина. Целта е на крајот од турнирот да се освои првото место за да и се даде шанса на следната генерација да игра на Европско првенство.