Јошко Петковиќ е оптимист: Ако сè биде по план, Железничар нема да биде последен во СЕХА

Поранешниот тренер на неколку екипи од Македонија, Јошко Петковиќ во последната сезона испушти голема шанса со тимот на Железничар од Ниш да се избори за титулата во првенството на Србија.

Железничар во последното коло остана без трофејот откако Металопластика го запре во налетот, а во исто време Војводина дојде до триумф и успеа да искористи.

Сепак, второто место им донесе на ракометарите на Железничар пласман во СЕХА-лигата.

„Ако се направи сето она што јас го планирам, но тоа не зависи само од мене, јас тврдам дека Железничар нема да има епизодна улога во СЕХА. Сигурно нема да бидеме последни. Сепак, треба да се засилиме на играчки план, но и во другите сфери во клубот. Ако тоа не биде направено не знам како ќе биде. Доколку речам дека сè ќе биде супер ќе излажам. Така би се лажел и себеси. Мојата желба е да бидеме подобри и тоа е она што искрено и чесно можам да го кажам“, изјавува Петковиќ за локалните медиуми.

СЕХА-лигата уште нема објавено кои се сите тимови што ќе играат во ова натпреварување. Засега се знае дека Железничар ќе биде дел после освојувањето на 2. позиција во првенството на Србија. Од Македонија веќе се знае дека тоа се Вардар и Металург.