Јоновски: Не сакам да ветувам од сега, но мислам дека повторно ќе играм на Европско првенство

По пауза од речиси една година искусниот дефанзивец Ацо Јоновски повторно беше дел од репрезентацијата на Македонија. Откако Велко Марковски поради повреда не можеше да помогне на националниот состав, селекторот Гонзалес го повика Јоновски повторно да се обиде да им помогне на македонските репрезентативци.

Ми се јави селекторот ме праша дали можам да дојдам имав некои обврски кои морав да ги завршам, не успеав да стигнам за првиот натпревар, оној против Украина, но за вториот, за овој со Чешка се потрудив и успеав да дојдам.- вели Јоновски.

Неговиот камбек во репрезентацијата отвара ново прашање дали искусниот ракометар можеби ќе го видиме и на ЕП во Хрватска овој јануари.

Треба добро да се размисли, не сакам да ветувам од сега, но мислам дека одговорот ќе биде да. Знаевме што значи овој натпревар со Чешка за нас, особено јас бев посебно мотивиран бидејќи не бев повикан на СП во Франција не знам од кои причини, но еве добив повик и се вратив мислам дека ја оправдав довербата. Мојот број ме чекаше, не ја зема никој „деветката“ колегите беа коректни – заврши Јоновски.

Македонија го обезбеди петтото учество на едно Европско првенство, а во Загреб ќе биде дел од носителите, најверојатно во вториот барабан при извлекување на групите на континенталниот собир.