Јовиќ: Штета е да пропадне клуб како Металург

Металург со пораз заминува од СЕХА гостувањето во Целје. Актеулниот словенечки шампион запиша нови бодови во регионалното натреварување. Двата клуба имаат слична стратегија и иста цел, а додека во Словенија царува составот од Целје, во Македонија, амбициите на Металург се поврзани со втората позиција во домашниот шампионат. Но за разлика од вицепрвакот Горење кој сè уште го бара рецептот за да стави крај на доминацијата на Целје, Металург во неколку наврати изминативе сезони успеваше да украде победа во дуелите со сега актуелниот европски првак Вардар.

Но она што е поважно е дека веќе неколку години во низа Металург го мачат и финансиски проблеми, а дека лошите денови не се зад нив откри и тренерот Александар Јовиќ на вчерашната прес-конференција во Целје. Јовиќ потенцираше дека ракометот ќе изгуби многу доколку се дозволи Металург да пропадне, нивната работа со млади категории е особено важна, а тоа најдобро може да го разбере Целје.

Остануваат уште три натпревари оваа година. На нас е да одиграме до крај и да видиме дали нашиот клуб, Металург ќе се спаси. Ние се надеваме дека ќе се спасиме. Заслужуваме. Мислам дека добро работиме со млади играчи и би било навистина штета за ракометот доколку пропадне еден клуб каков што е Металург – потенцираше тренерот на македонскиот вицепрвак по натпреварот со словенечкиот шампион.

Јовиќ најави дека добрите денови во Автокоманда се уште не се пристигнати, но не се знае ниту дали ќе дојдат особено откако Лино Червар го напушти стручниот штаб на Металург пред неполн месец. Разврската се очекува до почетокот на пролетниот дел од сезоната, за скопскиот состав има неколку заинтересирани спонзори кои би можеле да го преземат раководењето со клубот доколку главниот финансиер Минчо Јорданов се одлучи да се повлече од својата фунција.