Јовиќ: И покрај проблемите во клубот, стигнавме до бод

Ракометарите на Металург го одиграа последниот натпревар за оваа година во сите конкуренции. Македонскиот вицепрвак со реми кај Нексе, 31:31 во рамките на СЕХА Лигата, заврши уште една турбулентна година. Иако во ростерот беа ракометари кои ретко добиваа шанса сезонава, сепак Металург се држеше одлично во поголемиот дел од мечот. Тренерот Јовиќ смета дека реми исходот е најреален.

300x250

„Тоа беше добар натпревар. Вечерва игравме одлично „седум на шест”. Имавме неколку добри минути, но такви минути имаше и екипата на Нексе. Според мене, нерешениот резултат е и најправеден. Пред овој натпревар имавме некои проблеми и затоа би сакал да им честитам на моите играчи.“ – изјави Јовиќ.

Десното крило Анте Токиќ доби поголема минутажа во отсуство на Александра Гуглета и ја оправда довербата.

„Одигравме фер натпревар. Сакам да му честитам на тимот на Нексе, но и на сите мои соиграчи,  кои дадоа сто проценти од своите можности. На крајот, двата тима можат да жалат. Ние имавме предност од три гола пред самиот крај, но Нексе го имаше последниот напад и за шанса за победа.“ – вели Токиќ.

Следна обврска за Металург повторно ќе биде во СЕХА Лигата, но на почетокот на февруари.